ЗА НАС

Телевизија Морис е формирана и заведена во регистарот на медиуми, заедно со радио Морис и Морис прес – независен информативен весник, на 8-ми Септември 1993 година во Македонски Брод. Само неколку години подоцна, законските регулативи не дозволија да има повеќе медиуми во една општина, под контрола на иста фирма. Тоа беше причината што Телевизија Морис во 1997 година се издвои како посебен медиум, кој се инсталира и започнува со работа во Охрид.

Уште со самиот почеток со работа на подрачјето на Охрид и Струга, Телевизија Морис наидува на голема конкуренција од останатите медиуми. За да опстои на медиумскиот пазар, таа го променува концептот на работа во едно национално патриотско издание, следејќи ги традицијата, обичаите и навиките на македонскиот народ. И покрај скромните технички можности, за краток временски период успева да се воздигне во пристоен медиум со завиден број на гледачи.

После повеќе годишни напори Телевизија Морис се воздигнува во модерна телевизија, која опфаќа подрачје на гледаност во две општини: Охрид и Струга. Располага со комплетна дигитална опрема и техника, најсовремени дигитални камери, компјутерски монтажни единици и целосно опремени студија.

Посветува големо внимание на информативниот дел, каде исклучиво се допираат локалните настани, но за своја потреба често се обработуваат и поважните национални вести. Носејќи се со мислење дека продукциските производи се носител на секоја телевизија, Телевизија Морис ја насочи цела своја материјална, кадровска и техничка енергија во продукција на: Документарни емисии, Хумористична серија во 60 епизоди, продолжение на традицијата на “Македонски народни приказни”, со истата екипа на најпознати глумци од каде произлегоа 20 нови Македонски приказни.

Изработени се музички спотови на голем број познати музичари, со што е даден голем придонес и во музичката продукција. Телевизија Морис е една од ретките телевизии која оди со такво темпо на продукција, и е убедена дека ваквиот начин на работење ќе и наметне вредности кои ќе ја вбројат во познатите македонски и европски телевизии.