ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР ПОАКТИВНО ВКЛУЧЕН ВО ОДЛУКИТЕ НА ОПШТИНА ОХРИД

Градоначалникот на Охрид, д-р Јован Стоајноски денес одржа работна средба со претставници од Хотелската Асоцијација на Македонија, претставници на туристички агенции, приватни станоиздавачи и претставници од угостителскиот еснаф. Средбата беше на иницијатива на градоначалникот Стојаноски.

– Првата и основна причина поради која што ја одржуваме оваа средба е организацијата на саемските настани кои што следуваат во текот на јануари, февруари и во наредните месеци, за да имаме еден организиран настап. Едноставно одиме на онаа зацртана агенда на Локалната самоуправа , а тоа е да разговараме со директните актери, со бизнис секторот. Разговорите се во насока на тоа што треба да направи општината за да имаме еден добар настап, а првичната цел на разговорот е да утврдиме кои се целните пазари на кои што и општината Охрид треба да ги потпомага , хотелиерите и сите бизнисмени инволвирани во туризмот. Сакаме да го добиеме и нивното мнение, нивниот впечаток, тоа е во склад со онаа новост во буџетското планирање, буџетски средства да се издвојуваат во склад со барањата на целните сегменти или на самите граѓани. А во случајов станува збор за целниот сегмент туристички работници – истакна градоначалникот Стојаноски.

Туристичките работници ја поздравија иницијативата и заложбите на градоначалникот Стојаноски и тие директно да придонесуваат во донесувањето на одлуки кои што битно ќе им го олеснат понатамошното работење, а бенефитот ќе биде изразен во побрзиот туристички развој на Охрид. Беше заклучено дека вакви работни средби континуирано ќе се одржуваат и во иднина, буџетските средства за 2019 година ќе се креираат согласно барањата на туристичките работници односно целни групи.

Share