Измените на Законот за пушење одат на седница

Собраниската Комисија за здравство на денешната седница со четири гласа „воздржан“ и два „против“ го проследи на понатамошна постапка на пленарана седница во Собранието Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето по скратена постапка, поднесен од пратениците на СДСМ и ДУИ.

Целта на измените е бришење на дел од еден став од законот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителскиот објект. Угостителите и лекарите на јавна расправа во декември разменија различни ставови во однос на предлогот. Лекарите сметаат дека со сегашниот закон е постигнато значително намалување на пушењето кај младите, додека за угостителите законот треба да биде балансиран и за пушачите и за непушачите.

Од членовите присутни на денешната седница немаше гласови „за“ предлогот. Четири гласаа воздржано и двајца беа против. Претседателката на Комисијата Мирсада Емини-Асани од ДУИ, која гласаше против, рече дека е добро што имало можност да се чујат сите страни и секој да даде свој став за овој закон пред тој да биде проследен на понатамошна постапка.

Покрај неа, против предлогот гласаше и пратеникот Горан Милевски од ЛДП, кој рече дека не може да се согласи со предлагачите на законот дека забраната го намалила прометот и посетеноста на кафулињата, кафетериите и казината.

– Би се согласил да има делење на објектот, но не можам да прифатам објект со 50 метри квадратни да има тераса од 500 метри квадратни и да нема сразмерност и се прави изигрување – рече Милевски.

Пратеничката Бети Рабаџиевска-Наумовска од СДСМ рече дека како лекар нема никаква дилема за овој закон, меѓутоа како граѓанин имала мала дилема која јавните расправи и помогнале да ја разјасни.

– Затоа, сметам дека треба секој на пленарна седница да се изјасни по свое лично убедување за овој закон – рече Наумовска.

Според податоците што беа презентирани на јавните расправи по предлог измените, 640.000 луѓе во Македонија или 37 отсто се пушачи и македонските граѓани се трети во светот по бројот на испушени цигари годишно.

Share