D-XTREME: екстремен и моќен гитарски звук за отворањето на Д ФЕСТИВАЛ!

Д ФЕСТИВАЛ ќе го започне тридневниот музички маратон со новиот програмски концепт со кој Фестивалот добива жестоко музичко засилување за сите вљубеници во тврдиот гитарски звук и фуриозната енергија својствена на метал и хардкор музиката! На самото отворање на фестивалот, во петок, 14-ти јули Москито бина е резервирана за D-XTREME програмата која се реализира во соработка со Terrorvoid Promotions, организацијата посветена на промоција на метал музиката на македонската андерграунд сцена, а која се запишува и како организатор на дел од најатрактивните концерти на овој музички жанр кои се одржале кај нас!

Во рамки на D-XTREME, Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе биде домаќин на премиерниот настап во Македонија на култниот бенд SINISTER – еден од најголемите бендови на андерграунд дет-метал сцената. Неуморниот состав од Холандија доаѓа на Д Фестивал со својот најнов албум, ѕверски моќниот „Syncretism“, на кој бендот се покажува несомнено свесен за својот енергичен и доминантен звук, секогаш верен на чистокрвниот дет-метал по кој се планетарно познати. Со вкупно 13 студиски албуми зад себе, повеќе од 25 години кариера и безмалку исто толку членови кои се запишаа во составот на бендот низ годините, SINISTER имаат безброј настапи ширум планетата и турнеи со големите имиња од метал сцената како Suffocation, Cannibal Corpse, Deicide, а се запишаа во листата предводници на сите релевантни метал фестивали низ светот.

Ним ќе им се придружат и младите претставници на македонската метал и хардкор музичка сцена, бендовите TRENDKILL, SHOCK TROOPERS и SHELL SHOCK!

Share