Свечено доделени дипломите на матурантите

Традиционално во дворот на средното училиште „Св. Климент Охридски“, синоќа беа доделени дипломите на матурантите од генерација 2016/17.

„Стоиме денес тука на дофат на иднината. Тоа повеќе не е далечна реалност. Таа започнува овде. Таа започнува денес. Го започнавме средното училиште како деца, но вечерва заминуваме како возрасни. Завршивте средно образование кое ќе служи како платформа која ја користите за да се лансирате во вашата иднина. Некои од вас ќе одат на факултет, други ќе одат директно на работа, но секој од вас ќе патува по сопствен пат.Без разлика каде одите или што правите, пред вас ќе има предизвици. Она што го барам од секој од вас е да ги дочекате и да се соочите со овие предизвици со високо подигната глава и со отворено срце. Не е доволно само да се обидете во животот. Тоа нема да го помести светот напред. Мора да се обидете да совладате сè што ќе започнете; И не само тоа. Стремете се секогаш кон извонредност и перфекција во секоја задача, било да е тоа голема или мала. Иако можеби не е лесно видливо, секое ваше постигнување е вреден допринос кон светските достигнувања. Од Вашите индивидуални успеси добива општеството како целина, бидејќи кога успевате, го олеснувате товарот на тие околу вас. Кога успевате, вие сте во позиција да дадете повеќе отколку да земате,“ рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Директорот на Охридската гимназија, Звонко Трпески им порача да се стремат кон своите соништа и да работат на себеси да останат луѓе.

Пред присутните, матурантите приредија видео презентација на сите класови од генерацијата 2016/17.

Share