Одржан Централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Мешеишта

Синоќа во Домот на културата во Мешеишта се одржа Централен митинг на Кандидатот за Градоначалник Игор Трајкоски, носителот на советничката листа Моника Мацеска, како и кандидатите за советници во Советот на Општина Дебрца.

„Како млад човек и како претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ на Дебрца сакам да истакнам  дека секогаш ќе се борам и ќе ги застапувам интересите на младите, заедно со нашиот најголем поддржувач кандидатот за градоначалник на Општина Дебрца, господинот Игор Трајкоски. Реализиравме многу проекти за младите, морам да потенцирам дека заедно со кандидатот за градоначалник ќе ја продолжиме досегашната преродбеничка улога во Дебрца, бидејќи реално се што ја прави Дебрца прогресивна општина е направена токму во мандатот на градоначалникот Игор Трајкоски. Затоа вечерва токму од ова место порачувам, ВМРО-ДПМНЕ е единствената македонска политичка партија која секогаш го застапува интересот на народот, која секогаш држи до своите ветувања и која секогаш нуди сериозни и изградени личности кои што имаат јасна цел и визија за континуитет за развојот на општина Дебрца. Нашата посветена работа и нашите дела се најдобар податок за тоа.“- рече Мацеска.

Пред присутните,  се обрати и кандидатот за градоначалник Игор Трајкоски, кој од жителите на Дебрца побара уште еднаш да му ја дадат довербата на претстојните локални избори.

„Денес после изминати само четири години стојам гордо пред вас, со таа разлика што мојата совест е чиста, поради оправданата доверба. Но, тука нема да застане се, секогаш може повеќе и секогаш може подобро. Но тоа се остварува секогаш со работа, а токму работата е онаа што не отсликува и разликува од нашите опоненти. Зарем не е доволна споредбата дека Дебрца во секој сегмент е во прогрес за само четири години за разлика од нивните 16. Ние знаеме како треба да се однесуваме со Дебрца, бидејќи самата општина по себе е специфична и бара соодветни проекти кои секогаш гледавме да ги реализираме по примарност. Ние знаеме како да ги спроведеме потребните проекти во наредните четири години, бидејќи сме веќе многу чекори пред нашите опоненти и сигурни сме дека таа предност секогаш ќе ја имаме. Тимот на советници и јас како кандидат за градоначалник ја бараме уште еднаш вашата доверба, ја бараме за доброто на општина Дебрца, за доброто на сите жители на општината. Добро се сеќавам на прогласувањето на победникот на изминатите локални избори кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г-динот Никола Груевски рече ВМРО-ДПМНЕ има историска победа во општина Дебрца. Така и беше, но еве уште една историска шанса да продолжиме со развојот на Дебрца. Затоа да одиме кон уште една историска победа, со заокружување на бројот 13, за ВМРО ДПМНЕ, за советници и за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ“– истакна Трајкоски.

Свое обраќање пред присутните имаше и пратеникот Антонио Милошoски.

„Она што досега беше направено во општина Дебрца е најдобриот знак дека ние немаме што да му ја мислиме, имаме човек со кого што општината е во сигурни раце, сегашниот и иден градоначалник, Игор Трајкоски.  Овој пат локалните избори не се за нас и за цела држава само локални избори. Ние на овие избори нема само да потврдиме како сакаме да работи градоначалникот и советниците. Ние на овие локални избори, на 15ти октомври ние ќе им покажеме жолт картон на марионетската влада во Македонија и ќе покажеме како не сакаме да се работи на штета на државните интереси на Р.Македонија.“- порача Милошоски.

Share