Одиграно финалето од турнирот во мал фудбал за јуниори во Велгошти

Синоќа во Велгошти се одржа финалето од турнирот во мал фудбал за јуниори, на кој учествуваа 20 екипи од Охрид и Струга. Организатори на турнирот се Климент Калачоски и Димитар Балески со помош на директорот на ОУ „Живко Чинго“ – Ѓоко Чингоски.

Синоќа се одиграа финалните натпревари. Во борбата за трето место, екипата на Црногорци забележа победа од 3:2 против тимот од Лескоец.

Првото место го освои екипата Beast, која со 5:2 го совлада Boss Burger.

На овогодинешниот турнир беа доделени парични награди и пехари. Прво место – пехар, медали и 6 илјади денари. Второ место – пехар, медали и 3 илјади денари. Трето место – пехар, медали и илјада денари.

Најдобар стрелец на турнирот беше Насер Доко, додека пак за најдобар голман беше прогласен Кристијан Нестороски.

„Турнирот се одвиваше од 2 до 17 јуни, а беше масовно посетен од страна на средношколци и основци. Турнирот беше од спортски дух, со цел да го подигне спортот за млади и да се афирмира Велгошти како место поддржувач на овие млади луѓе. Им посакуваме голем успех на организаторите и сите екипи што учествуваа. Се надеваме дека ова ќе прерасне во традиција во Велгошти.“ – изјави директорот Чингоски и уште додаде:

„Се надеваме дека и следна година турнирот ќе биде помасовен, побогат и дека ќе го поддржат повеќе спонзори. Исто така се надеваме дека и Локалната самоуправа ќе помогне во наредните години за овој турнир да го заземе своето место онаму каде што припаѓа, се со цел да се развива спортот и спортскиот дух меѓу овие млади деца.“ – додаде Чингоски.

Share